Македонска пошта сака ексклузивитет, а пазарот треба да се либерализира
Пазарот на поштенски услуги во Македонија од 1 јануари треба да биде целосно либерализиран. Така е пропишано со сегашните одредби на Законот за поштенски услуги кои предвидуваат укинување на резервираната област за пратките до 50 грама. На неполни два месеца пред тој рок, Македонска пошта како носител на монополот во резервираната област, бара повторно, четврто одложување на либерализацијата, а ресорното Министерство се уште анализира дали да го прифати барањето или пак ќе овозможи целосна либерализација на пазарот. Во истовреме регулаторот, Агенцијата за пошти, како и приватните поштенски оператори, бараат либерализиран пазар.
– Министерството за транспорт и врски е во завршна фаза со изготвување на анализата во однос на прашањето поврзано со либерализација на поштенскиот пазар, обврска која треба да почне во 2019 година. Ќе се согледаат сите позитивни и негативни аспекти од овој процес и ќе се постапи согласно резултатите од анализата, велат од Министерството за транспорт.
Резервираните поштенски услуги опфаќаат прием, пренос и врачување на пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама. Ексклузивитетот за резервираната поштенска услуга се однесува на цената.
Македонска пошта смета дека нема услови за либерализација
Од „Македонска пошта“ сметаат дека е неминовно продолжување на ексклузивното право за обезбедување на резервираните поштенски услуги затоа што се уште не се создадени услови на пазарот за поштенски услуги и што целосната либерализација препорачана со третата директива – 2008/06/ЕС е обврзувачка за земјите членки на ЕУ.
Како што изјавија за МИА, ваков модел во поштенското работење примениле и другите држави од регионот, вклучително и Хрватска каде за разлика од останатите земји членки на ЕУ либерализацијата настапи со нивното полноправно членство. Во овој контекст ја посочуваат и Србија како земја од регионот која исто како и Македонија не е членка на ЕУ и дури сега и претстои либерализација на поштенскиот пазар за пратки над 50 грама, која во државава се спроведе со Законот за поштенските услуги од 2010 година, а следниот чекор кон целосна либерализација предвидува со влегување на земјата во ЕУ.
– Со оглед на фактот што либерализацијата овозможува остварување на целта за создавање на внатрешен пазар на ЕУ според единствени услови и начини на функционирање за членките, сметаме дека ефектите од либерализација на поштенскиот пазар ќе бидат почувствувани дури со влезот на земјата во ЕУ, а предвремено целосно либерализирање само би влијаело на создавање на нерамноправна положба на сите учесници на пазарот пред се заради обврската за обезбедувањето на универзалната услуга на целата територија под еднакви услови за сите корисници од страна на давателот на универзална услуга односно од страна на АД „Македонска пошта“- Скопје, велат од поштенското претпријатие.
Поштенскиот пазар во Република Македонија е делумно либерализиран односно постои резервиран дел за давателот на универзална услуга за пратки за кореспонденција до 50 грама со ексклузивно право за давателот на универзална услуга само во однос на цената. Ексклузивното право, велат од Македонска пошта, не ги исклучува останатите оператори на поштенскиот пазар во извршување на овој вид услуги. Тие имаат право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга носител на индивидуална дозвола ги обезбедува пратките од резервираниот дел.
-АД „Македонска пошта“- Скопје врз основа на индивидуална дозвола од Агенцијата за пошти е лиценциран давател на универзална услуга за целата територија на Македонија. Резервираната услуга треба да му овозможи на давателот на универзална услуга – носител на индивидуална дозвола стабилни извори за финансирање на обврските кои произлегуваат од обезбедувањето на истата на целата територија на Македонија под услови превидени во Законот за поштенските услуги и одржување на постојната мрежа, во услови на не постоење на законски регулиран компензациски фонд, информираат од МП.
Приватните оператори бараат еднакви услови на пазарот
Наспроти ваквиот став на „Македонска пошта“, Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори на Македонија, вели дека компaниите кои работат во секторот поштенски услуги во рамки на ССК очекуваат и веруваат дека ќе се случи најавената либерализацијa, со оглед на сериозните забелешки во извештаите на Европската Унија за монополизација на поштенскиот пазар.
– Со либерализацијата на пазарот на поштенски услуги ќе се отвори можност да се работи согласно европските стандарди, во духот на слобода на пазарот и развој на претприемништвото. Тоа ќе значи работа под еднакви услови на поштените оператори, подобар пристап до поштенските услуги, следење на светските трендови во областа, прилагодување на регулативата за што поголема конкурентност кај поштенските оператори, а секако тоа ќе значи и повеќе вработувања и развој на приватниот сектор, изјави Милошевски за МИА.
Дополнително, како што укажува, со самата либерализација се отвора можност за влез на домашниот пазар на реномирани меѓународни пошти со долгогодишно искуство кои ќе придонесат за подигнување на стандардите за работа на компаниите од дејноста. Тие ќе промовираат нови алатки кои треба да ја зајакнат поштенската услга, како понуда на услуги кои ќе бидат посебно прилагодени кон клиентите – од флексибилните можности за испорака на документи и пратки, до опцијата за маркетинг на производи како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи како и новините кои се имплементираат во светот. – Покрај сите овие достигнувања, апсурдно е во 21 век да зборуваме за постојано доцнење на пратките, забележува Милошевски.
Регулаторот повторно препорачува либерализација
Директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасовски, пак, изјави дека како регулаторно тело остануваат на ставот за целосна либерализација, но оти воден од досегашното искуство не е сигурен дека повторно нема да се случи уште едно одложување. – Агенцијата за пошти како независно регулаторно тело во неколку дописи до министерот за транспорт и врски, премиерот и вицепремиерот за економија, инсистираше на усогласување на ставовите во однос на целосната либерализација на пазарот, но за жал освен две речиси неформални средби не добивме никаков официјален одговор од страна на Владата (која е 100 проценти сопственик на Македонска Пошта) во однос на намерите за целосна либерализација на поштенскиот пазар, изјави Атанасовски за МИА.