Можна ли е екстрадиција: Македонија нема договор со Унгарија
Mинистерството за правда на Македонија, кое забрзано ги преведува документиоте за екстрадиција на Никола Груевски, информира дека преку други правни акти ќе се бара испорачување на поранешниот македонски премиер затоа што земјава нема договор со Унгарија за екстрадиција.
Како што е познато Груевски, поранешниот премиер на Македонија е во бегство откако двогодишната затворска казна за случајот „Тенк“ стана правосилна. Официјално е потврдено дека Груевски е во Будимпешта, но од вчера, според некои неофицијални информации, тој веќе заминал во друга држава. Како можна негова нова дестинација се споменуваат Турција, Русија, Белорусија, Азербејџан…
Правните акти преку кои ќе се бара екстрадицијата на Груевски се Законот за меѓународна правна соработка во кривичната материја, Европската конвенција за екстрадиција од 1957 година и одредбите од Договорот меѓу СФРЈ и Народна република Унгарија за заемна правна помош од 1968 година.
Македонија нема таков договор и со Грција, но и во случајот со бегалците Горан Груејвски и Никола Бошковски кои пребегнаа во Солун, македонските правосудни органи се повикаа на други правни акти во барањето за екстрадиција.