Заев: Одлучивме да нема предвремени избори
Премиерот Зоран Заев најави дека по завршување на евроатлантските интегративни процеси, кои очекува да завршат на почетокот на 2019 година, ќе се повлече од неговите активности во надворешната политика и ќе се посвети на развој на економијата. Тој најави и дека од Германија ќе дојдат двајца советници, место еден, како што првично кажа по средбата со Ангела Меркел во Скопје.
„Сакам да најавам дека на 23-ти овој месец со владата на Германија ќе формираме управувачки комитет, кој го договоривме со канцеларката Меркел при посетата. Од Германија и натаму ќе има грантови и донации. Од Германија ќе дојдат не еден туку двајца советници, од кои едниот директно ќе помогне за развој на дуалното образование и преквалификација на работната сила, која е потребна на компаниите“, рече Заев на презентацијата на буџетот за 2019 година во Стопанската комора.