Македонија го празнува 11 Октомври

Република Македонија денеска го одбележува 11 Октомври, почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Во македонското Собрание денеска ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за 2018 година.

Добитници на наградата се проф. д-р Драги Михајловски, преведувач и писател, Ристо Лазаров, писател и новинар, Петре Арсовски, актер и проф. д-р Александар Ставридис, хирург – уролог.

Михајловски, Лазаров и Арсовски наградата ја добиваат за животно дело во областа на културата и уметноста, а Ставридис за животно дело во областа на здравството.

Одлуката ја донесе Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ на својата последна седница.
Државната награда „11 Октомври“ се доделува како највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија.

Културната понуда на Скопје е збогатена со Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), кој на 4 јануари годинава го отвори скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Музејот е лоциран на левиот брег на реката Вардар, зад Археолошкиот музеј на Македонија
.
Посетителите во Музејот можат да ја погледнат постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ и да се запознаат со историјата на антифашистичко Скопје од авторот Зоја Богдановска, виш кустос и историчар. За изложбата е изработен и двојазичен каталог (македонско/англиски), во издание на Музејот на Град Скопје.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password