Денеска гласа дијаспората, затворениците, болните и изнемоштените лица
Во пресрет на утрешниот референдум, денеска гласаат болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор, како и
македонските државјани во странство кои се пријавиле за изјаснување.
Во 69 од 80 општини пријавени за гласање се 1.859 болни и немоќни лица. Членови на избирачките одбори ќе ги посетат нивните домови каде што болните и изнемоштените лица ќе го остварат правото на глас. Најмногу болни и изнемоштени за гласање се пријавиле во Демир Хисар – 145, во Прилеп 143, во Струмица 107 и во Крива Паланка 100.
Гласањето во странство ќе се одвива во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија, а пријавени за гласање се вкупно 2.694 македонски државјани.
Ќе се гласа во ДКП-та во Берн, Венеција, Љубљана, Виена, Торонто, Лондон, Бон, Хаг, Берлин, Мелбурн, Канбера, Брисел, Стокхолм, Париз, Рим, Копенхаген, Вашингтон, Детроит, Прага, Абу Даби, Белград, Подгорица, Анкара, Атина, Букурешт, Истанбул и Будимпешта. Најмногу пријавени за гласање има во Берн 321, Венеција 264, Љубљана 217 и во Виена и Торонто каде изјаснување ќе има за по 151 македонски државјанин. Најмалку, 10, се пријавени за гласање во Будимпешта, 13 во Истанбул, 14 во Букурешт и 15 во Атина.
Доколку некој од пријавените граѓани за гласање во ДКП-та за референдумот допатувал во Македонија, нема да може да го оствари тоа право во земјата бидејќи неговото име ќе биде во Избирачкиот список за дијаспората.