Шекеринска: Очекуваме годинава целосно да започнат преговорите со ЕУ

Очекуваме уште во текот на оваа година целосно да започнат преговорите за членство на земјава во ЕУ, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговорајќи на  новинарско прашање, зошто на Самитот ЕУ и Западен Балкан фокусот беше ставен на пандемијата, а не на проширувањето.

– Пред пет години или пред 10 години ќе ни беше битен Самит на којшто ќе се спомне зборот „проширување“. Сега зборот „проширување“ и зборот „пристапни преговори“ веќе се дел од заклучоците на ЕУ што се однесуваат на Северна Македонија. Имаше многу скептици, имаше луѓе кои тврдеа, особено од опозицијата, дека оваа година нема шанси Северна Македонија да ги почне преговорите, меѓутоа ЕУ покажа дека во најтешките моменти, а тоа беше крајот на март, кога епидемијата стана проблем број еден во светот, успеаја да постигнат целосен консензус и да донесат одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија, рече министерката.

Нормално беше, додаде таа, дека загребскиот самит целосно ќе биде во функција и во сенка на епидемијата.

– Во секоја од нашите држави гледаме дека се друго стана второстепено прашање бидејќи кога имате битка за здравје и за живот, тоа секогаш има приоритет. И она што мислам дека и самитот покажа, е дека Европската унија за многу брз временски период успеа да покаже врвно единство и врвна солидарност и кон нас. Парите кои веќе ги добивме, се многу значајни и за борбата со епидемијата, но и за нашиот буџет и за нашата економска состојба. Но, она што се кажа и на Самитот, е дека Унијата планира дополнителни финансиски средства со кои ќе го помогне економскиот развој и битката со епидемијата на целиот регион. Ние сме во постојана битка, од една страна да заштитиме животи, да го заштитиме здравјето, но од друга страна да и дадеме шанса на економијата да го преживее овој голем удар, нагласи Шекеринска.

Таа потсети дека голем  број на бизниси мораа привремено да затворат заради рестриктивните мерки.

– Ние полека ги олабавуваме рестриктивните мерки, но мора да водиме сметка за да го минимизираме ударот на вториот бран, кој сите го најавуваат дека ќе се случи во втората половина на годината. Сега ни треба и помош, сега ни требаат и финансии за државата подготвено да го дочека вториот бран на епидемијата на ковид и мислам дека поддршката на ЕУ се покажува дека е клучна во овој период. Пред десетина дена излезе извештајот на Светска банка за сите земји во регионот и нивните предвидувања, што ќе се случува следниов период. Една од почетните реченици во извештајот на Светска банка за нас беше дека Северна Македонија побрзо ќе се врати и ќе го надмине овој економски голем удар заради членството во НАТО и заради почетокот на преговори со Европската унија. Затоа инвестиравме во овие две стратешки цели. Затоа што и економијата ќе ни биде пожилава и поддршката ќе биде поголема, истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринкса, која денеска беше во посета на Неготино и направи увид на реконструкцијата на патниот правец Криволак – Пепелиште.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password