Горан Спиров една година живее со вештачко срце: Вози автомобил, пешачи и ужива во секојдневието

Пациентот се чувствува одлично, а и по една година од интервенцијата, штипјанецот Горан Спиров живее за моментот кога ќе добие и природно срце. Помина една година откако во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ му беше вградено вештачко срце. Ваква операција тогаш се изведе за првпат во земјава, а тимот доктори е горд што Спиров има енергија, оптимизам и волја да освојува и нови предизвици.

Со насмевка на лицето и благодарен што секое утро се буди и може да ги извршува секојдневните обврски, Горан Спиров вози автомобил, пешачи и ужива во секојдневието.

47-годишниот штипјанец е првиот пациент кој доби вештачко срце во земјава, а револуционерната операција ја изврши проф. д-р Александар Николиќ.

„Ако не беше доктор Николиќ, којзнае што ќе се случеше со мене. Сега се чувствувам добро, но ќе биде уште подобро со ново срце. Апаратот со вештачкото срце тежи седум килограми и постојано морам да го носам. Но,  најважно е што се будам секое утро и што сум жив. Сега сум како нинџа-желка, на грбот постојано носам седум килограми. Се надевам и очекувам во иднина да добијам природно срце“, рече 47-годишниот штипјанец.

Спиров вели дека се навикна на апаратот без кој не може да функционира вештачкото срце. Со д-р Николиќ се постојано во комуникација  пред сè поради редовните контроли кои мора да ги прави во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Д-р Николиќ вели дека пациентот една година функционира со вештачкото срце и се чувствува добро, но потенцира дека најдобрата опција за Горан е да добие природно срце, интервенција која засега не може да му биде извршена бидејќи законите во државата во моментот не го дозволуваат тоа. Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели Николиќ, е целосно подготвена да изврши  пресадување на природно срце.

„Една година по интервенцијата, пациентот се чувствува добро. Се надевам дека ќе добиеме можност што поскоро да извршиме трансплантација на природно срце кај овој пациент. Технички и кадровски сме подготвени, но законите засега не го дозволуваат тоа. Најголема желба на Горан е да добие природно срце и да може да има нормален живот. Тој и со вештачкото срце може да функционира и да ги извршува секојдневните активности, вози автомобил и прави контроли на секои две недели. Но, најдобар комодитет ќе има со природно срце. Во моментов законите не дозволуваат приватните болници да вршат трансплантација на срце. Јас мислам дека тоа треба да се промени бидејќи во Европа и во Америка лидери во трансплантацијата се токму приватните болници. Законот треба да биде изменет и кај нас, со тоа што државата ќе има надзор над таквите трансплантации“, изјави проф. д-р Николиќ.

Тој додаде дека  во државата моментало има над 15 пациенти кои се кандидати за трансплантација на срце и дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е подготвена  и има ресурси да изврши трансплантација на природно срце.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ досега се вградени три вештачки срца.

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од седум килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце.

Очекувањата се дека во иднина, до крајот на оваа или почетокот на идната година, ќе биде изработено вештачко срце што ќе биде бесшумно и безжично. Во моментов постои и иницијатива за формирање клуб на пациенти со вештачко срце.

 

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password