Пазарџиите најавуваат протести

Организаторите на пазари нема да дозволат, според нив, спорниот Закон да стапи на сила. Бараат целосно повлекување на Законот за пазари  бидејќи велат дека за десет месеци откако законското решение се одложи на една година, не оствариле ниту една средба со надлежните кои дадоа збор дека ќе направат конкретни измени во текстот на Законот, објави Алсат телевизија.

„Најголемиот проблем е предвиденото постоење на Комората на закупци на тезги која што не само што го обременува нивното работење со документација, туку дополнително прави проблеми од  финансиски аспект бидејќи повлекува финансиски трошоци на закупците на тезги кои се несоодветни и неприфатливи. Обременувањето на закупците на тезги директно ќе се одрази на работењето на организаторите на  пазари“, рече Даниела Михајловска Василевска, од Стопанската комора.

Откако пазарџиите на почетокот на годинава не го прифатија Законот, во февруари се договорија со власта дека до идниот 1. јануари 2020 ќе подготват нов текст кој нема да биде штетен за никого. Но, засега нема ништо, а доколку и натаму продолжи игнорирањето на надлежните за ова прашање, пазарџиите велат дека нема да дозволат примена на законското решение. Велат дека се за регулирање на дејноста, но со Закон кој нема да им создава само нови трошоци.

„Ние не сме да нема законско решение. Но, ова се е во обратен редослед донесено. Треба да се донесе законско решение, меѓутоа овој Закон и илјада пати го подобруваме нема да даде одговор на терен. Затоа бараме укинување на истиот“, вели Маја Стојановска, од Здружението на пазарџии.

Од Министерството за економија писмено ни одговорија дека не седеле со скрстени раце. Подготвуваат измени на Законот. Во предвид биле земени барањата на сите заинтересирани страни и многу брзо ќе ги објават во јавноста.

„Измените и дополнувањата се насочени кон регулирање на пазарот односно вршењето на трговијата на зелени пазари со овозможување легитимации да дадат поголем број на комори. Притоа, разгледани се и земени се во предвид и претходните коментари и забелешки спомнати од заинтересираните групни заедници“, наведуваат од министерството за економија.

Доколку Законот не се промени пазарџиите соопштија дека не се исклучува можноста за масовни протести.  Пазарџиите не се согласуваат да плаќаат нови давачки за добивање на лиценца за работа, а не сакаат да ги загубат и колегите пензионери кои според новиот Закон нема да може да продаваат на пазарите.

Login

Welcome! Login in to your account

Remember me Lost your password?

Lost Password