Азески: Изборите да бидат брзи
Во очекување на одлуката дали пролетва ќе имаме само претседателски или и парламентари избори заедно, бизнисмените испраќаат пораки дека најдобро е да нема предвремени избори, а и доколку се одржат, да бидат со куса и ефективна кампања. Во спротивно, кризата што од 2015 на периоди само го менува интензитетот, може да земе уште поголем данок преку назадување на економијата.
Да се мисли на работата и на вработувањата, а не да се влегува во политичка неизвесност, побара Симе Наумоски, претседател на УО на „Витаминка“.
„Нашата пракса покажува дека кога има избори, без разлика на кое ниво, секогаш има полоши резултати од тоа што сме го очекувале во работењето на компаниите. Ако се базираме на тоа, како стопанство не би поднесле лесно да влеземе во нови избори. Подобро изборите да се одложат за друго време“, изјави Наумоски.
Предвремени парламентарни избори се барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката СДСМ сè уште нема став, најави дека ќе го разгледа барањето.
За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, партиите, освен консензусот за буџетско финансирање, треба да се договорат за скратување на изборните рокови.
„Ние како бизнис-заедница не сакаме да ги кочиме изборите како демократски процес но бараме кампањите да бидат кратки, сконцентрирани и концизни, да не се врши притисок на бизнисот. Мислам дека таков консензус можат да постигнат политичките партии, за нивното буџетско финансирање и за скратувањето на роковите за изборни активности“, изјави Азески објаснувајќи дека тие правила треба да станат вообичаена практика, и изборите воопшто да не влијаат на работењето на бизнисот.
„Ако гледате што се случува во овие четири години, од 2015 година, кога влеговме во оваа криза, ние како стопанство не кренавме раце, но кризата имаше влијание. Бизнисот ќе ги пробива границите на земјите и таму каде што има политички проблеми, затоа што тоа е наша задача и цел и ние со Грција тоа го покажавме. Но за тоа бизнисот треба да работи непречено, надвор од политичките процеси, а политичарите да ни остават простор за работа“, додаде Азески.